ПРЕПОРАКИ ЗА ПОГОЛЕМА СИГУРНОСТ НА КАРТИЧКИТЕ

Денес, платежните картички се ширко прифатено средство за плаќање. Милиони луѓе ги користат картичките за плаќања во продавници, интернет, за нарачки преку телефон или електронска пошта.
Злоупотребата на платежните картички како резултат на украдени картички и податоци од картички, денес претставува огромен бизнис за криминалците.
Во прилог Ви нудиме неколку едноставни, но корисни совети за поголема безбедност при користењето на Вашите картички.

  1. Како да ги заштитите податоците од Вашата картичка; 
  2. Како до безбедност при трансакции на банкомат;
  3. Како безбедно да плаќате со картичка во продавница;
  4. Како безбедно да плаќате со картичка преку интернет;
  5. Како до поголема сигурност при патување надвор од матичната земја;
  6. Како да се заштитите за време на празници.

 

КАКО ДА ГИ ЗАШТИТИТЕ ПОДАТОЦИТЕ ОД ВАШАТА КАРТИЧКА

На Вашата платежна картичка се наоѓаат запишани податоци кои доколку бидат дознаени од трети лица можат да бидат злоупотребени на Ваша штета. Со цел да избегнете злоупотреба на податоците од Вашата картичка потребно е да ги практикувате следните препораки:

  • Веднаш по подигањето на картичката од Банката, потпишете се со долготрајно мастило/пенкало на позадината од Вашата дебитна или кредитна картичка.
  • Не оставајте го паричникот или ташната на јавни места без надзор.
  • Редовно и внимателно проверувајте ги месечните извештаи, дури и во случај да не сте ја користеле картичката во тековниот месец. Доколку се случат определени отстапувања во извештајот, веднаш обратете се кај одговорното лице во Банката.
  • Не давајте информации за картичката или ПИН–кодот преку телефон.
  • Запомнете го Вашиот личен идентификационен број (ПИН-код).
  • ПИН-кодот не запишувајте го заедно со бројот на картичката и/или со други документи.
  • Чувајте ја адресата и телефоните од Банката и Процесинг центарот, за да нè известите благовремено за определен проблем или губење/крадење на картичката и со тоа ќе го спречите нејзиното понатамошно користење од неовластени лица.
  • Банката и Процесинг центарот се на Ваше располагање, деноноќно, седум дена во неделата.

 

КАКО ДО БЕЗБЕДНОСТ ПРИ ТРАНСАКЦИИ НА БАНКОМАТ

  • Пред внесување на Вашата картичка во банкоматот внимавајте да нема поставено некоj дополнителен уред на отворот за внесување на картичката.
  • Уверете се дали тастатурата на која го внесувате ПИН-кодот е оригиналната тастатура на банкоматот.
  • Пред внесување на ПИН-кодот на тастатурата на банкоматот уверете се некој да не стои позади Вас.
  • Не дозволувајте да стојат во Ваша непосредна близина клиентите кои чекаат.
  • Никому не кажувајте го Вашиот ПИН-код, вклучително и на лица кои се претставуваат како службеници на банката или како лица одговорни за одржување на банкоматите.
  • Сменете го Вашиот ПИН–код доколку се сомневате дека е пробиен од трето лице.
  • Доколку се почувствувате загрозени додека ја извршувате трансакцијата, притиснете го копчето за откажување, земете ја Вашата картичка и напуштете го местото 

 

КАКО БЕЗБЕДНО ДА ПЛАЌАТЕ СО КАРТИЧКА ВО ПРОДАВНИЦА

Доколку ги следите подолу наведените упатства, значително ќе го намалите ризикот од измама при користење на Вашата картичка за плаќања во продавница.

  • Внимателно следете го извршувањето на целата трансакција со Вашата картичка. Веднаш по извршување на трансакцијата, земете си ја картичката и проверете дали вратената картичка е навистина Вашата.
  • Секогаш инсистирајте трансакцијата со картичката да се извршува пред Вас - не дозволувајте трговецот да ја однесе картичката во друга просторија или на место каде немате увид како се врши трансакцијата.
  • ПИН-кодот секогаш внесувајте го сами на терминалот - никогаш не го кажувајте Вашиот ПИН-код на трговецот за тој да го внесе на терминалот.
  • Бидете внимателни со луѓето кои се наоѓаат околу Вас. Уверете се дека никој не го видел Вашиот ПИН-код.
  • Проверете го износот на белешката пред да ја потпишете.
  • Никогаш не потпишувајте празна белешка при плаќање на стоки и услуги. Доколку на белешката има празни полиња за назначување на суми, задолжително прецртајте ги.
  • Секогаш чувајте ги белешките добиени при плаќањето - може да Ви бидат потребни подоцна.

 

КАКО БЕЗБЕДНО ДА ПЛАЌАТЕ СО КАРТИЧКА ПРЕКУ ИНТЕРНЕТ

Купувањето на интернет го олеснува купувањето, нуди поголем избор, а понекогаш и подостапни цени.
Платежните картички се еден од наједноставните и најлесните начини за плаќање при купување на интернет – и е сигурно исто како и купување во обична продавница. Сепак, потребно е да се преземат одредени мерки на претпазливост со цел да се спречи некој да ги добие и искористи податоците од Вашата картичка. Ви нудиме неколку совети кои е препорачливо да ги применувате при плаќање со картичка на интернет со цел да се избегнат злоупотреби.

  • Секогаш купувајте на сигурна веб страна – осигурајте се дека адресата на веб страната на која треба да ги внесете податоците од Вашата картичка започнува со “https” или во долниот дел на браузер – прозорецот треба да се појавува клуч или катанец како индикатор дека страната е безбедна. Во спротивно, не внесувајте информации за Вашата платежна картичка.
  • Бидете сигурни во репутацијата на интернет трговецот и задолжително проверете ја адресата и телефонскиот број на компанијата.
  • Веб-страните со добра репутација даваат информација за начинот на кој е заштитена Вашата финансиска трансакција.
  • На веб-страната на која купувате, на јасен и недвосмислен начин треба да е опишана “политиката на сигурност” при плаќањето со картичката.
  • Вашата лозинка не ја кажувајте никому – некои on-line продавници бараат да регистрирате корисничко име и лозинка пред да купите некој производ. Исто како што го чувате во тајност ПИН-кодот на вашата картичка, така чувајте ги во тајност и вашите лозинки.
  • Заштитете ги податоците на Вашата картичка – податоците од Вашата картичка дајте ги само кога купувате нешто, не ги давајте поради ниедна друга причина.
  • Детално проучете ги условите за продажба кои вклучуваат: начин и постапка на доставување на стоката, услови на гаранција, откажување на порачка итн.
  • Проверете ја испораката и политиката за враќање на производите – пред да направите on-line трансакција прочитајте ги правилата за испорака и враќање на производите. Дознајте дали можете да ги вратите купените производи и кој го сноси трошокот за тоа.
  • Чувајте ја коресподенцијата и отпечатете ја целата информација поврзана со трансакцијата што сте ја извршиле. Може да Ви биде потребна подоцна.
  • Никогаш и во ниту еден случај не давајте информација и не го внесувајте Вашиот ПИН–код при купувањето преку интернет. 

 

КАКО ДО ПОГОЛЕМА БЕЗБЕДНОСТ ПРИ ПАТУВАЊЕ НАДВОР ОД МАТИЧНАТА ЗЕМЈА

Платежните картички се сигурен и едноставен начин со кој можете да ги носите Вашите пари додека патувате. Платежните картичките не само што го олеснуваат патувањето, туку и го прават посигурно. За разлика од готовината на пари, тие можат да бидат блокирани и реиздадени доколку ги загубите или Ви ги украдат, што значи дека морате веднаш да пријавите доколку Вашата картичка исчезне. Во прилог Ви нудиме неколку едноставни, но корисни совети кои ќе Ви помогнат да уживате при Вашето патување и ќе Ви понудат сигурност при користење на Вашата картичка.

  • Пред да тргнете на пат задолжително проверете го следното: рок на важност на Вашата картичка, дали имате доволно средства на Вашата сметка, дали сите Ваши уплати се ажурирани, како и висината на дневните лимити на Вашата картичка. 
  • Фотокопирајте ја Вашата картичка и чувајте ја копијата на сигурно место.
  • Не ги чувајте картичките и готовината на исто место – на тој начин нема да изгубите се.
  • Користете ги сефовите во хотелите.
  • Кога ја користите Вашата платежна картичка во трговија, проверете ги податоците на сметката. Вие се одговорни за износот внесен на сметката, при што, пред да ја потпишете сметката проверете дали е внесен износ на сметката и дали е тој износ точен.
  • Чувајте копија од сите белешки и споредете ги со извештајот од банка.
  • Запомнете го Вашиот ПИН-код

 

КАКО ДА СЕ ЗАШТИТИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА ПРАЗНИЦИ

Платежните картички се средство на кое луѓето се почесто ги чуваат своите пари. Празниците се време кога потрошувачката расте, а со тоа и употребата на картичките (на банкомати или во трговија). Тоа се повеќе го отвара апетитот на измамниците.
За да не Ве измамат во текот на празничната треска, Ве потсетуваме на неколку основни правила за сигурност при користење на платежните картички:

  • Кога ја користите картичката бидете сигурни дека никој нема позади вас или околу вас.
  • Прекријте ја тастатурата (на АТМ-от или ПОС терминалот) со раката кога го внесувате ПИН-кодот од Вашата платежна картичка. Постои можност кон тастатурата да е насочена некоја минијатурна, за Вас невидлива камера.
  • Никому не кажувајте го ПИН-кодот од Вашата платежна картичка. Тоа се однесува како на познати или непознати, така и за интернет.
  • Не давајте информации за картичката или ПИН-кодот преку телефон (мобилен или фиксен).
  • Никогаш не го носете ПИН-кодот со Вас, а доколку тоа е потребно, не го чувајте заедно со Вашата платежна картичка.
  • Не го користете банкоматот, ако забележите дека некои негови делови изгледаат сомнително/невообичаено. Доколку забележите нешто такво, веднаш обратете се во банката чија сопственост е банкоматот или во најблиската станица на МВР.
  • Избегнувајте користење на банкомати лоцирани во темни и нефрекфентни улици. Настојувајте да вадите пари на осветлени места.